Софиската Воено-медицинска академија го суспендираше лекарот од Македонија по инцидентот со прегазено куче

Воено-медицинската академија во Софија го суспендираше македонскиот лекар кој е инволвиран во случајот со прегазено куче во бугарската престолнина. Од институцијата соопштија дека докторот нема да ги извршува своите службени должности сè додека трае истрагата.

Според бугарската национална телевизија (БНТ), лекарот признал пред полицијата дека го прегазил кучето при ненамерен маневар со возилото. Истрагата треба да утврди дали се работи за несреќен случај или за намерно дело. Доколку се докаже дека животното било прегазено со посебна суровост, предвидената казна според бугарскиот Кривичен законик може да достигне и до осум години затвор.

БНТ објави дека осомничениот има претходни сообраќајни прекршоци за пребрзо возење во износ од околу 1.650 лева.

Бугарскиот портал Lupa.bg јави дека лекарот по инцидентот ја напуштил земјата и се вратил во Северна Македонија. Според соседите, тој живеел во новоизградена зграда на улицата „Пчиња“ во Софија, но на 10 ноември вечерта заминал за Делчево. Во изјави за медиумите, неговите колеги потврдиле дека лекарот најавил привремено отсуство „додека не стивне јавниот притисок“.

Порталот наведува дека осомничениот објаснил пред истражителите дека брзал кон болницата поради итен случај, но проверките покажале дека тој ден не бил на работа.

По инцидентот, во населбата Расадник во Софија, каде што се случило прегазувањето, непознати лица се обиделе да ја запалат гаражата пред која било пронајдено телото на животното. Полицијата го истражува и овој случај како акт на вандализам.

Зачлени се на нашиот е-билтен