Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 15 лица, е резултат на професионална грешка, а не на корупција.
„Можеби имало корупција, но тоа нема врска со настрешницата. Таа падна поради професионална грешка, а не затоа што еден подизведувач платил повеќе или помалку на друг“, рече Вучиќ за телевизијата Инсајдер.
На тврдењата дека првично изјавил оти настрешницата не била реконструирана, Вучиќ појасни дека се мислело на тоа дека нема целосна градежна реконструкција.
„Ако навистина била реконструирана, тогаш ќе се провереше статиката, корозијата на каблите… Дали некој сакал да заштеди или нешто друго, не сакам да шпекулирам, тоа е работа на надлежните органи“, додаде тој.
Според Вучиќ, клучно е да се утврдат сите грешки во процедурата за да се спречат вакви трагедии во иднина. „Секој што е одговорен ќе мора да сноси последици“, порача српскиот претседател.