Србија планира целосна реконструкција на меморијалниот комплекс посветен на српските војници на Кајмакчалан во Северна Македонија, како и реконструкција и на спомениците во Видо и Зејтинлик во Грција.
Ова го изјави српската министерка за труд, вработување, ветерани и социјални работи, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, објави телевизијата Н1.
Таа на седницата на Комитетот за негување на традициите на ослободителните војни на Србија изјави дека реконструкцијата на комплексот во близина на Сината гробница на Видо е овозможена благодарение на соработката на тој комитет и Заводот за заштита на спомениците на културата.
„Тоа е голем национален потфат, бидејќи Србија која се сеќава на своето минато е Србија која го отвора патот кон својата иднина“, изјавила министерката, како што соопшти нејзиниот кабинет.
Минатата година, по повод 109-годишнината од Битката кај Кајмакчалан и освојувањето на врвот на планината Ниџе, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски и делегацијата на Србија во која беа вклучени и свештени лица од Српската православна црква и војници на Армијата на Србија, и во име на Владата на Република Србија, положи венци во Спомен-капелата и во Спомен-костурницата на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе.
„Тука, на врвот на нашата слава и победа, мора високо да го кренеме знамето на слободата. Знамето на нашето единство треба да се вее насекаде каде што живее српскиот народ – каде што се зачувани името и презимето, каде што се слави празникот на крштевањето, каде што пишуваме на кирилица, каде што се сеќаваме на нашите предци и се грижиме за нашите потомци“, изјави во оваа пригода српската министерка.
Од врвот на планината таа уште порача: „Нека се чуе пораката од Кајмакчалан: Србија живее, Србија трае и Србија ќе трае сè додека постои единството на нашиот народ. Под „Знамето на единството“ им оддаваме почит на нашите предци и го потврдуваме братството на Србите и Македонците – исто дрво, ист корен, заедничка иднина“.