Заменик претседателот на Владата на Република Србија Александар Вулин за време на денешната посета на Москва, го повторил барањето од страна на српскиот премиер Милош Вучевиќ до руската страна, специјалци од таа земја да учествуваат во истрагата за наводната употреба на звучен топ за време на протестите на 15 март.
Вицепремиерот во српската влада Александар Вулин е во официјална посета на Москва, каде денеска се сретна со секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација Сергеј Шојгу.
Вулин изрази благодарност до Шојгу за поддршката на Руската Федерација до правните и легитимните власти на Република Србија во повторното воспоставување на редот и стабилноста во земјата.
Шојгу му се заблагодари на потпретседателот Вулин, како докажан и искрен пријател на Русија, за неговиот придонес во зачувувањето на пријателството и блиските односи меѓу народите на двете земји.
Вицепремиерот истакна дека Шојгу е докажан пријател на Србија, кој секогаш стоел покрај српскиот народ во тешките моменти.
За време на средбата беше констатирано дека неодамнешниот разговор меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин даде нов импулс за натамошно зајакнување на односите и соработката меѓу двете пријателски земји.
Вулин, исто така, го информирал Шојгу дека Србија ја поправила грешката што ја направила при гласањето за резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации и го променила своето гласање во воздржано.
Соговорниците постигнале договор за продолжување на блиската соработка на полето на безбедноста меѓу двете држави, се вели за посетата на Вулин на Москва во соопштението на Владата на Србија.