Србија подготвува воведување на данок од четири евра по тон емисија на јаглерод диоксид

Србија се подготвува за воведување на нов данок на емисии на стакленички гасови, со кој ќе се наплатуваат по четири евра за секој тон емитиран јаглерод диоксид или негов еквивалент, пренесува Недељник. Нацрт-законот е во фаза на јавна дебата и треба да претставува одговор на европскиот механизам за прекугранично прилагодување на јаглеродот (CBAM).

Законот се однесува само на правни лица и претприемачи кои поседуваат дозвола за емисии на стакленички гасови, а таргетира пет енергетски и индустриски интензивни сектори: производство на вештачки ѓубрива и азотни соединенија, цемент, железо, челик и феролегури, алуминиум, како и производство на електрична енергија. Тие заедно учествуваат со над 57% во вкупните емисии на Србија.

Втор предлог-закон предвидува данок за увоз на производи со висок јаглероден интензитет, со цел да ги заштити домашните компании од поевтина конкуренција од земји кои не применуваат вакви даноци.

Според анализите, голем индустриски емитер, како цементарница или електрана, со околу 250.000 тони емисии годишно, би можел да плаќа и до еден милион евра данок. За ублажување на финансискиот товар и поттикнување на зелената транзиција, предвидени се олеснувања, особено за енергетскиот сектор кој остварува најмалку 80% од приходите од оваа дејност.

Зачлени се на нашиот е-билтен