Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Србија против насилството“ во Белград пред ТВ Пинк, протести и блокади и во 15 градови 

Деветиот протест „Србија против насилството“, покрај во Белград, денеска се прошири и во уште 15 други градови, со блокада на сообраќајот, јави дописникот на МИА од Белград.

Протестот во Белград, почна од платотото пред Народното собрание, каде повеќе десетици илјади граѓани во долга колона долж централниот булевар „Кнез Милош“ се упатија преку Дедиње кон зградата и иформативните студија на ТВ Пинк, во знак на протест што и покрај барањата за укинување на ралните шоуа, како Задруга, ТВ Пинк најви ново ријалити – „Задруга Елита“.

Зградата на ТВ Пинк беше прекриена со големо српско знаме и имаше силно обезбедување, а сопственикот на ТВ Пинк, Жељко Митровиќ, пред доаѓање на граѓаните, пушташе рок музика. Пред Пинк се појави и осуденикот Кристијан Голубовиќ со маица на која пишуваше „дежурен виновник“.

Насобраните граѓани извикуваа „Робија“, „Жељко крадецу“, „Вучиќу оди си“, фрлаа тоалетна хартија и врз знамето со кое беше прекриен Пинк, емитуваа фотографии со сцени на насилство од реалните шоуа и од спотот за убиството на Оливер Ивановиќ.

Народниот пратеник Александар Јовановиќ Чута за Н1 изјави дека нема да се откаже од протестите и блокадите во наредниот период и им се извини на граѓаните на Србија кои ќе „настрадаат“ поради метежот.

-Тој (Александар Вучиќ) постојано го игнорира ова. Добро, тоа е неговиот метод… Ќе видиме што ќе се случи со него кога ќе му го запреме сообраќајот на еден час во екот на туристичката сезона. Реков дека постои таа опција и не се сомневајте дека тоа ќе се случи, истакна Јовановиќ.

Освен во Белград, протести се одржаа и во Смедерево, Суботица, Крагуевац, Лесковац, Шабац, Зрењанин, Пирот, Врање, Жагубица, Краљево, Куршумлија, Јагодина, Прокупље и Темерин, а протестот во Ниш беше одложен.

Вчера беше блокиран автопатот Е-75 во Белград на три места и во Нови Сад на едно место, а протести се одржаа во Нови Сад, Рума, Вршац, Мајданпек, Чачак, Лучани и Заечар.

Барањата на протестот се: смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедоносната агеција Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.

Проевропската опозиција технички ги организира овие граѓански протести кои започнаа по масовните убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и селата Дубона и Мало Орашје во општините Младеновац и Смедерево, додека десничарската опозиција ги поддржува и учествува на нив.

Зачлени се на нашиот е-билтен