Србија во енергетски застој откако српската рафинерија во Панчево запре поради американските санкции

Единствената нафтена рафинерија во Србија српската рафинерија во Панчево целосно го запре производството, а системите се префрлени во режим на т.н. „топла циркулација“ за да останат технички функционални. Веста ја потврди претседателот Александар Вучиќ во итно обраќање, оценувајќи дека државата се соочува со „големи и сериозни проблеми“.

Запирањето доаѓа по стапувањето во сила на американските санкции кон Нафтната индустрија на Србија (НИС) на 9 октомври. Санкциите беа воведени поради руското мнозинско сопствеништво во компанијата.

„Имаме уште четири дена до целосен прекин на работата, доколку не добиеме лиценца од американската влада. Очекувавме тоа да се случи уште вчера, но очигледно има уште барања од нивна страна пред да донесат позитивна одлука“, изјави Вучиќ.

Тој потсети дека Србија има рок од една недела да реши како ќе го обезбеди снабдувањето со нафта без национализација на НИС, додека САД бараат компанијата во рок од три месеци да најде нов купувач.

„Ако не добиеме лиценца, последиците ќе бидат сериозни. Ќе биде загрозено снабдувањето на трговските ланци, функционирањето на здравствениот систем, па дури и производството на струја“, предупреди Вучиќ.

Поради санкциите, банките ги замрзнаа финансиските трансакции на НИС, а министерот за финансии Синиша Мали оцени дека ваквата состојба би можела да го забави економскиот раст, да го намали кредитниот рејтинг и да ги одврати странските инвеститори.

Вучиќ дополни дека постои и ризик од секундарни санкции кои би можеле да ги погодат и централната и комерцијалните банки што соработуваат со НИС, но дека добил уверувања од САД дека такви мерки нема да бидат преземени.

НИС е под контрола на рускиот „Газпром“, кој во 2008 година купи 56% од акциите за 400 милиони евра. Србија поседува 29,9% од компанијата. Американските санкции првично беа воведени на 10 јуни, а нивната примена неколкупати беше одложена пред конечно да стапат во сила.

Зачлени се на нашиот е-билтен