Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска се среќава со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, при што главна тема се реформите што Србија треба да ги спроведе за напредок во процесот на евроинтеграција, соопшти портпаролката на ЕК, Паула Пињо.
– Внимателно ја следиме ситуацијата во Србија и ги охрабруваме сите засегнати страни, вклучувајќи го и граѓанското општество, да најдат начин да ги унапредат неопходните реформи за европската иднина на Србија. Ова е една од темите за кои ќе се разговара на средбата – изјави Пињо.
Нејзината изјава беше одговор на новинарско прашање за писмото што неколку проевропски опозициски партии во Србија го упатија до Европската комисија, во кое изразуваат загриженост дека средбата претставува поддршка за српската власт, наместо за граѓаните.
ЕК потврди дека добила и писмо од 31 европратеник со барање за откажување на средбата Фон дер Лајен – Вучиќ, како реакција на состојбата во Србија.
– Писмото е примено, а оваа средба се гледа како можност да се отворат темите што европратениците ги истакнаа во него – додаде Пињо.
Претходно, Фон дер Лајен се сретнала и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, а разговорите биле во рамки на билатералните консултации со лидерите што учествуваа на вчерашниот Европски совет. На средбата, како што соопшти Пињо, се дискутирало за темите од самитот, како и за заедничките предизвици.