Српската агенција Бета пренесе вест од Франс Прес кои објавија денеска дека функционер на службата за заштита на културното наследство во Србија признал дека фалсификувал документ за зградите на локацијата каде што зетот на американскиот претседател Доналд Трамп ќе гради хотел.
Случајот се однесува на поранешното седиште на Сојузниот секретаријат за одбрана на СФРЈ и Генералштабот на ЈНА во срцето на Белград, кое беше бомбардирано неколкупати во 1999 година за време на нападите на НАТО.
Двете згради, што се делумно урнати, беа класифицирани како заштитени „културни добра“ во 2005 година. Во мај 2024 година, Србија потпиша договор со компанијата „Афинити партнерс“, основана од зетот на Трамп, Џаред Кушнер, која отстапува земјиштето на 99 години.
Во ноември, српските власти одлучија да го отстранат местото од листата на заштитени споменици, отворајќи го патот за Џаред Кушнер и неговиот проект за луксузен хотел и апартмани. Ова предизвика негодување и протести, пишува француската агенција, пренесе Бета.
Обвинителството за организиран криминал спроведе прелиминарна истрага, а сомнежот падна врз привремениот директор на Заводот за заштита на спомениците, каде што во понеделникот беше спроведен претрес, а Горан Васиќ е осомничен за „злоупотреба на службена положба“ и изработка на „фалсификат“ – предлог дека локацијата нема статус на културно богатство.
Преку Министерството за култура, тој ѝ испратил на владата „фалсификуван предлог, направен без учество на експерти од Институтот за конзервација“, известува агенцијата и посочува дека врз основа на тој документ владата одлучила да го повлече „статусот на културно добро“ од тие згради.
Во изјавата на обвинителот пишува дека Васиќ со тоа „предизвикал штета на културното наследство на Република Србија, кое требало да го зачува“.
Во времето на изградбата во 1965 година, обете згради биле почит кон кањонот на реката Сутјеска, каде што партизаните ја добиле решавачката битка против германските сили во 1943 година.
„Њујорк тајмс“ го нарече случајот „непријатна компликација“ за Кушнер и го цитираше „Афинити партнерс“ дека ќе го „разгледа случајот и ќе ги утврди следните чекори“.
Се очекува Кушнер да биде во Тирана в сабота на самит за инвестиции во Европа.