Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Српскиот министер за надворешни работи навести можни санкции за Русија

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ во средата за прв пат навести дека Белград може да го промени курсот и да воведе санкции кон Русија, што е едно од клучните барања на ЕУ за Србија да напредува во преговорите за членство во ЕУ, пренесува ЕУРОАКТИВ.

Во ексклузивното интервју за EУРОАКТИВ Србија, Дачиќ, ветеран со повеќе од 30 години во политиката на високо ниво, рече дека Србија, кандидат за ЕУ од 2012 година, првенствено се водеше од проценката што е во нејзин најдобар интерес.

„Го осудуваме нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина и на тој начин гласавме во меѓународните тела. Дали ќе воведеме санкции кон Русија е друго прашање. Тоа не е прашање на време или рокови, тоа е прашање што се однесува на нашите политички и економски интереси“, изјави тој во интервјуто.

Српскиот претседател Александар Вучиќ жестоко се спротивстави на санкционирањето на Москва за нејзината офанзива во Украина, често нагласувајќи дека Србија ја увезува целата своја нафта и гас од Русија, но е под зголемен притисок од Западот да го промени својот став. Во октомври, тој откри план од 12 милијарди евра за инвестиции во енергетската инфраструктура во текот на шест години за да се диверзифицира и да се обезбеди снабдување со енергија.

Дачиќ рече дека од руската анексија на Крим во 2014 година до сега, Србија не се приклучи на западните санкции „бидејќи проценивме дека тоа нема да биде во наш интерес“.

„Доколку нешто се промени на штета на интересите на Србија, тогаш нашата одлука ќе биде соодветно приспособена затоа што во секој момент ќе оценуваме која е најдобрата одлука за нашата економија, за нашата позиција во светот и за граѓаните на Србија“.

Во друг знак дека наративот за Русија, која се смета за традиционален сојузник на Србија, може да се менува, српската премиерка Ана Брнабиќ, која присуствуваше на настанот на промоцијата на EURACTIV Србија во Белград во средата вечерта, зборуваше за „руската агресија врз Украина“. формулацијата Србија претходно не ја користеше. Таа, исто така, ја пофали ЕУ како најголем инвеститор и донатор во Србија.

Дачиќ прогласи дека членството во ЕУ е „приоритет за Србија“, но тој исто така ја критикуваше ЕУ поради одолговлекувањето на проширувањето.

„Тој наратив што често го слушаме, дека Балканот би можел да создаде нови проблеми доколку е внатре во ЕУ, е повеќе изговор затоа што ЕУ бележи намалување на апетитот за проширување. нагласи Дациќ. Тоа е прашање што не им носи гласови на европските политичари и затоа тие го маргинализираат“.

Подготви: Д. Мишев(CivilMedia)

Зачлени се на нашиот е-билтен