– Во српскиот Парламент денеска продолжи расправата за разрешувањето на министерот за економија Раде Баста. На вчерашната расправа најголем дел од опозициските партии се изјаснија дека нема да гласаат за или против смена на министерот, а пратениците од Двери најавија дека ќе гласаат за смена бидејќи Баста е типичен производ на оваа власт, јави дописникот на МИА од Белград.
Целосното владејачко коалициско мнозинство на СНС и СПС се изјасни дека ќе го поддржи барањето на коалициониот партнер Единствена Србија (ЈС) на Драган Марковиќ Палма за разрешување на министерот кој беше член на таа партија.
Главна забелешка на вчерашната седница беше што премиерката Ана Брнабиќ не беше присутна на седницата, бидејќи само таа може да објасни кои мотиви ја воделе кога го предложила Баста за министер, со оглед на неговите квалификации, а исто така да објасни кои биле вистинските мотиви и за неговото разрешување.
На седницата освен премиерката не присуствуваше и министерот Раде Баста за чие разрешување се разговара.
Тој денес за весникот „Данас“ оцени дека Србија мора јасно да одлучи дали е искрена на својот европски пат и дека на дневен ред на собраниската седница наместо дискусија за негово разрешување треба да биде поставено прашањето за воведување санкции против Русија.
Баста изјави дека недоразбирањето во врска со неговите „јасни проевропски ставови станало секојдневие, а јазот во согледувањето на правецот во кој треба да се движи Србија станал се поголем“.