Строга тишина во Грција од 1 април: Нови правила за туристите, казните се високи

Од 1 април 2025 година во Грција стапија на сила правилата за т.н. „часови на тишина“, кои важат секое лето и ќе траат до 30 септември. Туристите кои планираат одмор или мини одмор во Грција треба да бидат внимателни – секое непочитување може да доведе до сериозна парична или дури затворска казна.

Во рамки на полициската регулатива 3/1996, за време на „часовите на тишина“ е забранета секаква врева. Целта е да се обезбеди мир на жителите и посетителите, особено во топлите месеци кога луѓето почесто престојуваат на отворено.

Летен распоред (1 април – 30 септември):

  • Попладневна тишина: од 15:00 до 17:30 часот
  • Ноќна тишина: од 23:00 до 07:00 часот

Зимен распоред (1 октомври – 1 април):

  • Попладневна тишина: од 15:30 до 17:30 часот
  • Ноќна тишина: од 22:00 до 07:30 часот

Што е забрането за време на тивките часови?

За време на овој период, строго се забранети:

  • Бучни активности и задачи (освен во итни случаи со посебна дозвола од полиција)
  • Гласна музика, телевизори, викање, пеење и танцување во станови и на приватни места
  • Улични настапи и музика на јавни места (улици, плоштади, превоз)
  • Бучни игри и гласни расправии во јавни простори, кафулиња, клубови
  • Гласни разговори и активности на автобуските постојки или кај паркирани возила
  • Употреба на сирени и аларми без реална потреба

Туристите посебно треба да внимаваат – ако некој ги пријави за нарушување на јавниот ред, може да добијат казна дури и за бучно однесување во својот апартман или соба.

Какви се казните?

Нарушувањето на часовите на тишина се третира сериозно според измените во Кривичниот законик и може да резултира со:

  • Затворска казна до 5 месеци
  • Или висока парична казна

Грчките власти потенцираат дека овие мерки се воведени со цел да се зачува квалитетот на живот, особено во лето кога прозорците се отворени, а надворешните активности се зачестени. Туристите се повикуваат на одговорно однесување и почитување на правилата.

Зачлени се на нашиот е-билтен