Студенти учесници во штафетскиот ултрамаратон денеска тргнаа од Нови Сад кон Брисел. Трката започна од Железничката станица нешто пред 11 часот.
Студентите од Белград тргнале утрово нешто по седум часот.
Во Брисел треба да пристигнат на 12 мај, токму за време на сесија на Европскиот парламент, на чие раководство ќе му достават писма со информации за ситуацијата во Србија.
Кон Брисел трчаат 21 учесник – пет девојки и шеснаесет момчиња.
Пред почетокот на трката во Нови Сад, студентите одржаа 16 минути молк во спомен на сите жртви кај Железничката станица. Во рацете држеа 16 бели рози, кои ги положија пред зградата на станицата.
На маиците со кои тргнаа на трката пишува: „Нобеловци трчаат почесен круг“.
Лара Томина, студентка на втора година на Техничкиот факултет, е активна спортистка и тркачка и верува дека ќе ги надмине сите предизвици.
„Дојдов да трчам за Србија. Сакаме нашите барања да бидат исполнети. Од европските институции очекуваме да нè сослушаат, да нè поддржат и да ја прифатат реалноста дека нешто мора да се смени во Србија. Задоволни сме што досега нè сослушаа, но веруваме дека може и подобро – затоа одиме во Брисел“, рече таа.
Како што додаде, сите тркачи се активни спортисти, веќе подготвени за овој потфат.
„Секогаш ќе има пречки и непредвидени околности, но подготвени сме заедно да го издржиме сето тоа. Нема разлика меѓу девојките и момчињата – сите сме подеднакво подготвени“, заврши Лара.
Маратонците денес треба да стигнат во Осијек околу 19 часот, а секој ден ќе трчаат повеќе од 100 километри.
Рутата ги води низ Хрватска, Австрија, Германија, Франција, Луксембург и на крај – Белгија.
Првата поголема пауза ќе ја имаат во Стразбур, 13-тиот ден од трката, кога ќе посетат европски институции наместо да трчаат.
Алекса Димитријевиќ, студент на Медицинскиот факултет, вели дека се пријавил веднаш штом дознал за оваа иницијатива.
„Очекувам писмото што ќе го однесеме во Брисел, кое содржи информации за настаните во Србија од 1 ноември 2024 година па наваму, како и за претходните години, да биде прочитано. Важно е да се слушне за длабоката политичка и социјална криза во Србија“, изјави Алекса за 021.rs.
Никола Којчин, студент на Високата техничка школа, додава дека целта е Европскиот парламент и другите институции да бидат информирани за случувањата во Србија.
„Ова не е мала работа. Ќе ја имаме поддршката од нашиот народ, од дијаспората ширум Европа – со нетрпение чекам да ги видам сите. Ќе биде емотивно и тешко, но и убаво. Како ќе издржиме – не знам, но мислам дека ќе успееме. Таму ќе има луѓе што ќе се обратат, а пораката е јасна: мора да се каже што се случува во оваа земја. Треба да се подигне свеста низ цела Европа, не само во Србија“, објаснува Никола.