Студентите бараат избори: Што е следно?

По пет месеци протести и блокади, студентите во Србија едногласно одлучија – распишувањето предвремени парламентарни избори е услов за исполнување на нивните барања. Велат дека немаат намера сами да влезат во политичка трка, туку дека одлуките за тоа кој ќе ги претставува ќе се носат на пленуми. Универзитетските професори ја поддржуваат иницијативата и сметаат дека барањето е легитимно и разумно.

„Оваа власт нема да ги исполни нашите барања. Ако сакаме да го смениме системот, клучно е да ја смениме и власта. Нека излезат на избори и нека го докажат својот легитимитет, ако навистина мислат дека го имаат“, изјави Софија Периќ, студентка на Факултетот за политички науки.

Студентите појаснуваат дека на изборните листи нема да има нивни имиња, ниту пак на лица од актуелната власт или од опозициските партии. Идејата е листите да ги сочинуваат луѓе кои досега го поддржувале движењето – професори, земјоделци, лекари, наставници.

„Како студенти по инженерство, пристапивме со математички модел. Предложивме да се користи систем сличен на Донтовиот за фер распоред на мандати меѓу петте универзитетски градови според нивната големина“, вели студентот Балша Булатовиќ.

Професорите се согласуваат – барањето за избори е најнормален чекор во демократско општество.
„Кога институциите не функционираат, а уставните вредности се игнорираат, тогаш излезот е во избори. Барањата на студентите се легитимни – тие бараат почитување на Уставот и законите. Тоа не треба да биде спорно за никого“, изјави проф. Дејан Шошкиќ од Економскиот факултет.

Универзитетските професори ја повикуваат и пошироката заедница – особено граѓанскиот сектор – да се вклучи во процесот, како во формирање на изборните листи, така и во поддршката за фер изборен процес.

„Студентите сега треба да изградат широк општествен консензус. Да срушат ѕидови и да изградат мостови. Само така може да се спротивставиме на корупцијата и на заробените институции. Време е за заедничка акција“, порача Владимир Обрадовиќ, професор на ФОН.

Од друга страна, претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, веќе изјави дека евентуални избори би биле „катастрофа за државата“.

На ова реагираше повторно професорот Шошкиќ:
„Изборите не се катастрофа, туку суштина на демократијата. Наместо да се врши притисок врз студентите да се откажат од протестите, притисокот треба да биде насочен кон институциите да си ја вршат работата – и тоа согласно законот.“

Зачлени се на нашиот е-билтен