Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Студентите ја презедоа улогата на опозиција во Србија, ќе падне ли Вучиќ?

Српскиот претседател Александар Вучиќ се соочува со сè поголем притисок, бидејќи масовните студентски протести го потресуваат земјата. Студентите и средношколците блокираат факултети и улици низ Србија, барајќи одговорност по трагичниот инцидент во Нови Сад, каде при пад на настрешница загинаа 15 лица. Ситуацијата се заострува со физички пресметки меѓу политичките лидери, што само ја зголемува политичката напнатост.

Протестите, кои ги започнаа студентите, прераснаа во широки демонстрации кои ја опфатија целата земја, со блокирани факултети во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац. Владата, во обид да ги смири протестите, одлучи да го помести почетокот на зимскиот распуст за една недела порано.

Според српскиот политички аналитичар, Жељко Ињац, иднината на Вучиќ ќе зависи од политичките сили на Запад. Ако Западот одлучи дека е време за промена на лидерството во Србија, тогаш ќе биде прашање само кој ќе го замени Вучиќ. Иако Вучиќ изрази почит кон студентите и најави исполнување на нивните барања, Ињац истакнува дека протестите не се само последица на конкретниот инцидент, туку на длабоко незадоволство од политичката состојба во Србија.

“Поддршката од народот за Вучиќ е се повеќе под прашање, и народот, пред се студентите ја презеде улогата на опозиција,” вели Ињац. „Се повеќе се зборува за симбиозата помеѓу властите и опозицијата, која им помага да ја одржат својата политичка моќ и интереси, а студентите сега бараат да се прекине ова сојузништво.“

Не се исклучуваат ни радикални мерки од страна на Вучиќ, вклучувајќи го потезите за задушување на протестите, иако аналитичарите сметаат дека тој ќе се обиде да ја реши ситуацијата мирно, доколку тоа е можно. Вучиќ, иако во моментот е на чело на државата, ќе мора да се соочи со растечкото незадоволство и со можни промени во политичката сцена.

Протестите се поддржани од широки слоеви на општеството, вклучувајќи ја младата генерација која има значајна улога во историјата на политичките промени во Србија. Меѓутоа, останува прашање дали студентите ќе можат да ја задржат поддршката и да продолжат со протестите на долг рок.

Со оглед на сложената ситуација и непредвидливиот исход, Србија е на крстопат, а иднината на Вучиќ ќе зависи од многу фактори, вклучувајќи и влијанието на Западот и домашните политички сили.

Зачлени се на нашиот е-билтен