Студентите му порачаа на Вучиќ: Ви истекува времето!

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Студентите кои ја организираат блокадата вчера преку социјалните мрежи упатија јасна порака до власта – времето ви истекува за да го исполните барањето за распишување вонредни парламентарни избори.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Тирана, каде што учествува на Самитот на Европската политичка заедница, доби новинарско прашање како ја коментира најавата за радикализација на студентските протести доколку не се распишат избори.

Вучиќ одговори дека избори ќе има – но во наредните година и пол.

Студентите вчера преку социјалните мрежи му порачаа:

„Ви истекува времето. Распуштете го Народното собрание, немате легитимитет и самите го знаете тоа, бидејќи никој не гласал за вас. Единствениот демократски излез од кризата што ја создадовте се избори.“

Претседателот на Србија, алудирајќи на студентските критики за неговата вмешаност во бројни клучни државни прашања, изјави дека досега не добил никакво официјално барање за распишување избори – ни писмено, ни усно, ни од една надлежна институција.

Вучиќ ја искористи приликата да ја нагласи, како што рече, својата „надмоќ“ во однос на студентската побуна и сè што таа носи со себе.

– Колку се помалку, толку побрзо пропаѓаат, а нервозата станува сè поголема – изјави Вучиќ.

Тој повтори дека уште од почетокот на протестите зборувал дека сè се сведува на политика.

– Реков дека е политика, обоена револуција. И дојдовме до тоа дека секој збор и секое писмо… сè ми беше точно. Најлошата политика влезе на факултетите – рече тој.

– Сега сакаат да прават изборни штабови таму. Тоа се криминални активности, сè е спротивно на законот – додаде Вучиќ.

На прашањето за радикализацијата на протестите, Вучиќ одговори дека тоа претставува „малтретирање на граѓаните“.

– Законите и институциите ќе си ја вршат својата работа, а тие нека радикализираат – заврши Вучиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен