Блокадата на Мостот на слободата во Нови Сад, која започна во саботата во 15 часот, продолжува и во недела, пренесе агенцијата Бета. Протести во саботата се одржаа во повеќе од 20 градови низ Србија.
Неколку десетици илјади студенти и граѓани се собраа во саботата на протест во Нови Сад, при што беа блокирани Варадинскиот, Железничкиот и Мостот на слободата, по повод три месеци од трагичната несреќа на железничката станица во градот, во која загинаа 15 лица.
Варадинскиот и Железничкиот мост беа блокирани од 15 до 18 часот, додека блокадата на Мостот на слободата е планирана да трае 24 часа.
Според српскиот медиум “Блиц”, студентите, кои го блокираа мостот цела ноќ, во текот на денот ќе одлучат дали ќе ја продолжат блокадата и по 15 часот.
Студентите бараат одговорност и правда за жртвите. Нивните протести добија поддршка и од студенти од Белград, средношколци, моторциклисти, земјоделци, здравствени работници и бројни граѓани.
Во близина на сите три моста преку Дунав во Нови Сад, граѓаните подготвуваа храна за демонстрантите. Најмногу штандови со храна беа поставени кај Мостот на слободата, каде што беше поставена и сцена со програма организирана од студентите.
Студентите порачаа дека ќе останат на улиците и на мостовите сè додека не се исполнат нивните барања за правда.
Протести во саботата се одржаа во повеќе од 20 градови низ Србија, а поддршка на студентите пристигна и од градови низ светот, вклучувајќи ги Загреб, Сплит, Осиек, Берлин, Бостон и Мелбурн.
Агенцијата Бета пренесе дека поп-ѕвездата Мадона на својот Инстаграм профил објави кратко видео од илјадниците демонстранти во Нови Сад, со наслов: “Силата на единството”. Таа истакна дека светот сведочи на еден од најголемите студентски протести по 1968 година и повика на поддршка за студентите ширум светот.
Слична поддршка преку Инстаграм упати и концептуалната уметница Марина Абрамовиќ, која напиша: “Студентите од Србија се хероите на денешницата”.