„Во дискусијата и одлучувањето за актуелната криза треба да се вклучат сите граѓани кои се неотповикливи носители на суверенитет според Уставот. Затоа ве повикуваме да се обратите до локалните самоуправи и самостојно да се организирате по моделот на директна демократија – преку телото на граѓанското собрание предвидено со закон. Тие што се засегнати се прашуваат и одлучуваат. Tоа сме сите ние и затоа во граѓански совети“, порачаа од студентското движење во Србија.
„Што е пленум за студентите – граѓанските совети се за народот. Но, поради изразената централизација и корумпираност на системот, локалната самоуправа, а со тоа и локалните заедници, имаат тенденција да бидат запоставени. Силата на студентското движење лежи во директната демократија, која за разлика од претставничката демократија не е предмет на манипулација и поткуп“, наведуваат студентите во објавата на Инстаграм.
Тие во соопштението наведуваат дека барањата од протестот се уште не се исполнети.
„Нашето општество се обедини како никогаш досега – прво во жалост за трагедијата, а потоа веднаш во борбата за правда. Сепак, на сите им останува прашањето – кој е следниот чекор?“, напишаа тие.
Наведоа и дека „тоа што го постигнале досега е благодарение на принципите на директна демократија и на пленарните седници“. „Пленум е отворен форум за сите членови на колективот, каде што сите подеднакво предлагаат точки од дневниот ред, дискутираат за нив и донесуваат одлуки врз основа на просто мнозинство“, објаснуваат студентите.
Тие изјавија дека „претставничката демократија очигледно не е во состојба да ја реши повеќедецениската општествено-политичка криза во нашата земја“. „Додека моделот на директна демократија, врз основа на нашето искуство, има добри шанси“, напишаа тие.
„Одговорите на најопштите државни и општествени прашања кои во моментов се поставуваат не се однесуваат исклучиво на студентите и затоа не смеат да паѓаат исклучиво на наши плеќи“, наведуваат оттаму.