Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тајната на куќата во Брчко: 31 дете без идентиет, нехумани услови и сомнежи за трговија со луѓе

Окружното обвинителство Брчко утврди шокантни детали за случајот со 31 дете пронајдено во куќа во населбата Ивица. Ниту едно од децата не е идентификувано, а нивните родители засега остануваат непознати. Дел од нив биле заразени со паразити, што укажува на нехумани услови во кои биле чувани.

Мистеријата околу идентитетот на децата

Главниот обвинител истакна дека децата не знаеле каде се, ниту со кого живеат, што дополнително го отежнува утврдувањето на нивниот статус. Кај шест деца биле пронајдени хрватски пасоши, но сè уште не е јасно дали станува збор за оригинални или фалсификувани документи. Тие се предмет на вештачење, додека истрагата продолжува и во соработка со меѓународни институции.

Апсења и сомнежи за трговија со луѓе

Полицијата приведе осум лица, меѓу кои и Захида Ѓого, сопственичката на куќата, нејзиниот син и една жена од Бања Лука, за која се верува дека има и италијанско државјанство. Осомничените се сомничат за нелегално задржување на деца, а постојат индиции дека станува збор за организирана мрежа за трговија со луѓе.

По првичните сослушувања, за тројца од приведените е побаран едномесечен притвор, а останатите пет лица денеска ќе бидат испрашувани. Некои од нив се изјасниле како родители или роднини на децата, но обвинителството нема веродостојни докази за нивната врска со малолетниците.

Меѓународна истрага и вклучување на ЕВРОПОЛ

Со оглед на сложеноста на случајот и можноста за вмешаност на меѓународни криминални мрежи, истрагата се проширува на европско ниво. Во координација со ЕВРОПОЛ, властите ќе собираат дополнителни докази и ќе работат на утврдување на идентитетот на децата.

Овој случај отвора многу прашања за можни злоупотреби и незаконски активности поврзани со трговија со луѓе, а јавноста со големо внимание ги следи понатамошните развои на истрагата.

Зачлени се на нашиот е-билтен