Пред зградата на Народното собрание во Белград денес владее тензична атмосфера, откако Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка еден од 16-те загинати при трагедијата со падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад започна штрајк со глад.
Според извештаите, полицијата не ѝ дозволила да се приближи до зградата на Парламентот за да го започне протестот, што предизвикало спонтано собирање на граѓани кои дојдоа да ѝ дадат поддршка. Како реакција на тоа, српската полиција попладнево распореди дополнителни сили, меѓу кои и бригада за разбивање демонстрации, опремена со шлемови и штитови.
Сведоци велат дека полицијата ги потиснала граѓаните кон булеварот Кнез Милош, додека луѓето од таканаречениот „Ќациленд“, сместени во шатори спроти Собранието, почнале да се собираат во оградениот простор околу институцијата.
На снимките што кружат на социјалните мрежи се гледа како полицијата ги потиснува демонстрантите, меѓу кои и поранешниот кошаркар Владимир Штимац.
Во моментов, граѓаните и Дијана Хрка остануваат пред железната ограда, поставена за никој да не може да се доближи до скалите на Собранието. Сè поголем број луѓе пристигнуваат на местото, изразувајќи поддршка за нејзиниот протест и барајќи правда за жртвите од несреќата во Нови Сад.
Во исто време, полицијата и понатаму се групира во околината на Собранието, а напнатоста меѓу собраните граѓани и безбедносните сили продолжува да расте.

