Томпсон не е во право, Југославија живее меѓу народите

Иако физички исчезна пред повеќе од три децении, Југославија – барем во ментален и институционален облик – продолжува да живее меѓу народите на поранешната федерација. Тоа го покажува и реакцијата на хрватскиот пејач Марко Перковиќ Томпсон, кој на неодамнешен концерт изјави: „Господо другови, Југославија повеќе не постои. Југославија е мртва.“ Но, дали е навистина така?

Во своја колумна објавена во хрватските медиуми, аналитичарот Горан Војковиќ тврди дека Југославија можеби повеќе не постои на географската мапа, но нејзините духови и навики и понатаму го обликуваат секојдневието – од општинските управи, преку политичките структури, до односот кон медиумите и граѓаните со „непослушни“ мислења.

Од „Мало мисто“ до локални шерифи

Војковиќ ја повлекува паралелата со култната серија Мало мисто, каде што истите ликови со години ја ротираат власта во измисленото гратче. Денес, вели тој, сличен феномен се случува во многу хрватски општини: локалните функционери се на власт со децении, без реална конкуренција, често единствени кандидати на изборите. Наместо плурализам – доминираат навика, клиентелизам и страв од промени.

Партиската книшка: новата стара валута

Во поранешната држава тоа беше црвена книшка – симбол на припадноста кон владејачката партија. Денес, таа книшка е сина, но логиката е иста: оној што е „наш“ добива работа, проект, дозвола или функција. Не важат дипломи, туку врски. Не се избира според квалитет, туку според лојалност. Слични обвинувања се слушаат и во другите држави од поранешна Југославија, вклучително и Македонија.

Протекционизам и поделби – од Сисак до Имотиќ

Југославија фаворизираше одредени градови и региони според „револуционерната заслуга“. И денес, наведува Војковиќ, властите често ги наградуваат „своите“ општини, додека другите остануваат на маргините. Локалните лидери не ретко вршат функција и на национално ниво – не за да создадат рамноправен систем, туку за да донесат бенефиции „за својот крај“.

Државата како главен работодавач

Се чини дека државата и понатаму е „најголемиот работодавач“, а тендерите – главен извор на приходи за блиските до власта. „Државата ви зема преку високи даноци, за потоа великодушно да ви даде трошки, тврдејќи дека се грижи за општото добро“, пишува авторот.

Дисидентите и понатаму се непожелни

Ако не се согласувате со власта, честопати ќе чуете „Ако не ти се допаѓа – оди си“. Тоа беше логиката и во 60-тите, кога многумина ја напуштија Југославија. Денес, пак, еден статус на социјалните мрежи може да ве етикетира како „предавник“, „соросоид“ или „непријател на државата“. Според Војковиќ, таквиот став не е ништо друго освен наследство од еднопартискиот систем.

Контрола врз културата и медиумите

Во Југославија, постоеја тела кои одлучуваа што е дозволено да се пее, да се прикажува или објави. Денес, иако формално ги нема, неформалниот притисок врз уметниците, новинарите и јавните личности останува. „Се менуваат симболите – петокраката ја заменуваат домобрански значки – но цензурата, осудата и политичката лојалност остануваат“, вели Војковиќ.

Југославија како ментален систем

Авторот завршува со мислата дека вистинската „дејугославизација“ не се постигнува со преименување на улици или менување на споменици, туку со длабока ментална, институционална и политичка промена. Со создавање општество во кое државата не е божество, партијата не е работодавач, а критичката мисла е добредојдена, а не казнета.

„Додека тоа не се случи,“ заклучува тој, „Југославија и понатаму ни се смее од огледалото.“

Зачлени се на нашиот е-билтен