Трагедија кај Родос: се преврте глисер со мигранти, загинаа маж и дете

Двајца мигранти – маж и малолетно дете – загинаа кога глисер со мигранти се преврте во близина на грчкиот остров Родос, додека го следела Крајбррежната стража на Грција, јавуваат агенциите Бета и АП.

Инцидентот се случил во вторникот пред зори, кога патролен брод на грчката обалска стража, за време на редовна контрола во источниот дел на Егејското Море, забележал глисер што пловел кон Родос. Кога на бродот му било наредено да застане, тој почнал да изведува опасни маневри обидувајќи се да ја избегне патролата, по што се превртел и сите патници паднале во морето.

Два патролни чамци спасиле 16 лица – 12 мажи и 4 жени – а пронајдени се телата на маж и дете.

Грчката полиција на Родос уапсила тројца преживеани – 30-годишен државјанин на Азербејџан и двајца државјани на Ерменија на возраст од 31 и 32 години. Тие се осомничени дека го управувале глисерот и се соочуваат со обвиненија за криумчарење мигранти, предизвикување бродолом и убиство од небрежност.

Овој инцидент е уште еден во низата трагедии на источниот Медитеран. Пред само една недела, четири лица – меѓу кои и дете – загинаа кога чамец со мигранти потона во близина на островот Лезбос.

Зачлени се на нашиот е-билтен