Трагедија во Загреб – Дете почина од последици на грип, уште едно на респиратор

Грипот продолжува да се шири низ Хрватска, а утринава во Загреб е потврдена трагична вест – дете почина како последица на вирусот. Лекарите предупредуваат дека бројот на заболени постојано расте, а меѓу најпогодените се децата од предучилишна возраст.

Професорот Горан Тешовиќ од Клиниката за инфективни болести за Дневник Нова ТВ изјави дека детето кое починало имало повеќе коморбидитети и требало да биде вакцинирано. За жал, и покрај напорите на медицинскиот тим, неговата состојба се влошила и утринава го загубило животот.

Дополнително, друго дете со тежок облик на грип е хоспитализирано и приклучено на апарат за вештачко дишење. Лекарите велат дека се борат за неговиот живот, но ситуацијата е критична.

Според податоците на Хрватскиот завод за јавно здравство, во оваа сезона на грип досега се регистрирани околу 25.000 заболени, а бројот на пациенти продолжува да расте.

Најмногу заразени има меѓу децата од предучилишна возраст, додека најмалку случаи се евидентирани кај повозрасната популација над 65 години. Лекарите предупредуваат дека вирусот може да предизвика сериозни компликации, особено кај хронично болните и невакцинираните лица.

Официјалните податоци покажуваат дека досега 30 лица починале од компликации поврзани со грипот. Стручњаците апелираат на зголемена внимателност, почитување на превентивните мерки и навремена вакцинација за намалување на ризикот од тешки последици.

Зачлени се на нашиот е-билтен