Транспортерите од регионот се закануваат дека на 16 јуни со најмалку 300.000 камиони координирано ќе ги затворат балканските граници со Европската унија. Лидерите на водечките транспортни здруженија на шест земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, на состанок во Бјелина, Босна и Херцеговина, усвоија едногласна одлука доколку до 16 јуни не добијат одговор од ЕУ дека им се овозможуваат нормални услови за работа, ќе ги блокираат сите главни патишта за снабдување меѓу земјите на Унијата и Балканот.
Како што потврди конзорциумот „Логистика на БиХ“, кој беше домаќин, состанокот на регионалните претставници одржан во Бјелина резултирал со усвојување на барања за почитување на правата на професионалните возачи и доследна примена на меѓународното право, првенствено на Договорот АЕТР.
-Земјите од Западен Балкан се полноправни членки на договорот АЕТР, кој е правно над билатералните договори за стабилизација и асоцијација, како и над Шенгенските правила за престој, наведува Конзорциумот.
АЕТР прецизно ги дефинира работното време, празниците, процедурите за товарење и истовар и употребата на дигиталниот тахограф како официјален инструмент за контрола на активностите на возачот. Протестот, предупредуваат транспортерите, доаѓа како одговор на сè почестото санкционирање на возачите од страна на европските гранични и инспекциски служби, иако, како што тврдат, тие работат целосно во согласност со меѓународните прописи. Транспортерите конкретно бараат да бидат ослободени од правилото според кое можат да останат во ЕУ до три месеци во период од 180 дена.
-Возачите од земјите од Западен Балкан не се туристи, баратели на азил или мигранти. Тие се работници со договори, лиценци, дозволи и тахографски картички, кои одржуваат клучни синџири на снабдување. АЕТР им гарантира легитимен работен статус во ЕУ, без оглед на режимот на престој во Шенген, соопшти „Логистика БиХ“.
Возачите бараат периодот на нивниот престој на територијата на ЕУ да се пресметува врз основа на податоците од тахографите во возилата, кои прецизно евидентираат колку време поминале возејќи или биле на своите работни места, а не врз основа на моментот во кој ја преминале границата при влегување или излегување од ЕУ, поради што некои од возачите на камиони се уапсени и им е забранет влез во Унијата.
Транспортерите ќе чекаат до 16 јуни од ЕУ да добијат известување дека возачите од регионот имаат право да работат во согласност со АЕТР и дека им е овозможено непречено да ја извршуваат својата работа. На состанокот во Бијелина е кажано дека доколку до тој датум не стигне официјална потврда за прифаќање на ова толкување, блокадите ќе почнат истовремено низ целиот Балкан.
-Ова е борба за достоинството на професијата што е ‘рбетот на секој економски систем. Ако возилата запрат, запира и снабдувањето, предупредуваат организаторите на најавениот протест.