По остварената посета на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Пустец и Голо брдо, на крајот на август, како и заклучоците на Владата на Република Северна Македонија кои уследија како директен резултат на посетата, денес беше упатен првиот дел од помошта за Македонците во Албанија, пренесува МИА.
Ученички ранци, училишен прибор за повеќе од 130 ученици и печки на дрва, се донација на Министерството за образование и наука, соодветно на потребите на училиштата каде настава поаѓаат припадници на Македонското национално малцинство.
– Посебно сум задоволен што денес успеавме да реализираме прв дел од помошта за Македонците од Албанија, за која лично се заложив при мојата посета на Требиште и Пустец, каде имав средба со Македонските здруженија од Албанија, изјави Османи и додаде дека согласно барање на жителите на Требиште, обезбеден е и булдожер за чистење на снег, кој ќе биде доставен за кратко време, се вели во соопштението од МНР.
Османи се заблагодари на Министерството за образование и наука и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта за обезбедената донација.
Нагласи дека Северна Македонија ќе продолжи со обезбедување на поддршка за припадниците на македонското национално малцинство во Албанија, како преку конкретна помош како денешната опрема за училиштата, така и преку поширока институционална поддршка за заштита и промоција на нивните јазични и културни особености во Албанија.