Игуменот на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Пелопонез и неговиот помошник биле уапсени додека се обидувале да продадат десетина византиски икони и две евангелија за 200.000 евра, јавуваат грчките медиуми.
Полицијата спровела акција и го фатила игуменот во моментот кога се обидел да ги продаде реликвиите на полицаец кој се претставил како купувач. Покрај нив, уапсени се уште четири лица вмешани во продажбата.
Двете евангелија датираат од 1737 и 1761 година, а Министерството за култура на Грција ќе ги истражи за да ја утврди нивната религиозна и трговска вредност.
Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, познат како Мега Спилео (Голема пештера), се наоѓа во Калаврита на северот од Пелопонез и според традицијата бил основан од солунските браќа монаси Симеон и Теодор. Манастирот е поврзан со чудесното наоѓање на иконата на Пресвета Богородица во пештерата во 362 година.