Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Уапсен поранешниот директор на полициската управа на Црна Гора, Веселин Вељовиќ

 Поранешниот директор на Полициската управа на Црна Гора, Веселин Вељовиќ, уапсен е изутринава во акција на Специјалното полициско одделение по налог на Специјалното државно обвинителство, јавуваат подгоричките медиуми.

Обвинителот и портпарол на Специјалното државно обвинителство, Вукас Радоњиќ, изјави за новинарите дека „специјалното одделение на полицијата, по налог на судот и на барање на Специјалното државно обвинителство, а во соработка со Европол, врши претрес на станови и други простории на неколку лица во Подгорица, Никшиќ, Жабљак и Мојковац“.

Тој додаде дека постои основа на сомнение дека сторените кривични дела се создавање на криминална организација, злоупотреба на службената положба и криумчарење.

Радоњиќ, сепак, не соопшти кој друг бил уапсен во утринската акција на полицијата.

Според подгорички „Вијести“, во полициската акција има уште уапсени.

Вељовиќ беше директор на полицијата од 2007 до 2011 година и од јули 2018 до декември 2020 година.

Работел како советник на поранешниот претседател на Црна Гора Филип Вујановиќ и бил секретар на Советот за национална безбедност. Од промената на власта на изборите во 2020 година и заминувањето на Демократската партија на социјалистите (ДПС) во опозиција, Вељовиќ беше советник на тогашниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. На таа функција остана до мај годинава.

Зачлени се на нашиот е-билтен