Романската полиција го приведе Калин Ѓорѓеску, екстремно десничарски политичар кој се смета за популист, под сомнение дека учествувал во измама во минатогодишниот прв круг од претседателските избори.
Полицијата во Букурешт го запрела автомобилот во кој патувал Ѓорѓеску и го одвела на сослушување.
Неговите поддржувачи веруваат дека тој планирал да се кандидира за нови избори во мај, откако резултатите од вториот круг од претседателските избори во декември 2024 година беа поништени од Уставниот суд на Романија.
Две екстремно десничарски партии објавија дека ги мобилизираат гласачите да се соберат пред обвинителството, каде Ѓорѓеску беше одведен на распит.
Полицијата поставува заштитни бариери околу зградата додека голем број луѓе се собираат на протест, пишуваат романските медиуми.
Обвинителството покрена низа обвиненија против политичарот, вклучително и дела против уставниот поредок и членство во екстремистичка организација, се додава.
Популистичката опозициска партија претходно започна гласање за недоверба на романската влада, која се смета за проевропска.
Клаус Јоханис, романскиот претседател во заминување, поднесе оставка во февруари пред гласањето за негов импичмент по поништувањето на декемвриските избори.
Тој одлучи да остане на таа функција додека не се избере неговиот наследник во мај.
Пред првиот круг од изборите во декември, Јоханис презентираше разузнавачки информации кои укажуваат дека се создадени стотици сметки на TikTok кои го поддржуваат Ѓорѓеску.
Зад ова стоела руската разузнавачка служба, а регистрирани се и илјадници хакерски напади и други форми на саботажа, соопшти романската разузнавачка служба.
Тогаш опозициските политичари го обвинија Јоханис за недемократски потег, а тимот за односи со јавноста на Ѓорѓеску ги повтори обвинувањата против обвинителите.