Главниот државен инспектор на Хрватска, Андрија Микулиќ, е уапсен во рамки на акција на Обвинителството за борба против корупција и организиран криминал (УСКОК). Освен него, приведени се уште три лица. Според информациите на хрватскиот „Телеграм“, Микулиќ во моментот на издавање на налогот за апсење не бил во земјата, но веднаш се вратил во Загреб за да им се стави на располагање на истражните органи. Апсењето било извршено попладнево, по што Владата на Хрватска, на затворен дел од седницата, го разреши од функцијата.
Предвечер, истражителите започнале претрес во неговиот дом во загрепска Дубрава, а Микулиќ бил спроведен на локацијата за време на акцијата. Според „Телеграм“, случајот е поврзан со постапката за нелегално депонирање отпад во регионот Лика. Но, според неофицијални сознанија на „Индекс“, апсењето е поврзано со друг истрагуван бизнис, во кој биле уапсени и двајца сопственици на каменолом – Ивица Вугринец, локален месар, и Горан Вечковиќ.
Според истите извори, УСКОК се сомнева дека Микулиќ и неговиот кум примиле околу 120.000 евра мито, како и одредени количини месо, во врска со работењето на каменоломот. Детали од истрагата засега не се објавени официјално, но се очекува проширување на обвиненијата.
Истовремено со апсењето, Владата на Хрватска на затворениот дел од својата седница спроведе и обемни кадровски промени во државните и јавните компании. Меѓу засегнатите институции се Хрватска пошта, ХЖ Инфраструктура, АЦИ, Хрватска лотарија, Трансмитери и комуникации, како и Хрватската електроенергетска индустрија, што дополнително ја нагласи политичката тежина на денешните случувања.

