Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Учесници на конференција во Белград, меѓу кои и лица од Македонија, протерани од Србија

Граѓански активисти од земјите-членки на ЕУ и од Западен Балкан, кои биле учесници на меѓународната конференција на граѓанското општество, биле замолени да ја напуштат Србија, откако биле испрашувани од полицијата. Тие потоа добиле забрана за влез во земјата поради тоа што биле означени како „безбедносен ризик“, објави порталот „European Western Balkans“.

Во текот на ноќта помеѓу 21 и 22 јануари, група учесници на конференцијата на граѓанското општество организирана во Белград од НВО Академија и поддржана од австриската фондација ERSTE и Виенскиот универзитет за економија и бизнис, беа неочекувано испрашувани од полицијата, а потоа од нив било побарано да си заминат од Србија во рок од 24 часа. Ним им била изречена забрана за влез во Србија во времетраење од една година и не им било дадено никакво конкретно објаснување за ваквата одлука донесена од МВР.

Најмалку 14 учесници на конференцијата биле замолени да ја напуштат Србија, дознава European Western Balkans. Тие доаѓаат од Хрватска, Албанија, Австрија, Словенија, Чешка, Романија, Молдавија и Македонија.

Еден од учесниците од Хрватска за Јутарњи.хр изјави дека таа и нејзините колеги во вторникот доцна во нивниот хотел ги пречекала српската полиција, а потоа биле однесени во полициска станица на распит, кој траел неколку часа. Според неа, тие главно биле чувани во мрак за нивниот статус и процесот на кој биле подложени.

По распитот, на учесниците им беа дадени решенијата на МВР со кои се означени како безбедносен ризик за Република Србија и било побарано од нив да ја напуштат државата во рок од 24 часа. Тие добија и забрана за влез во Србија од една година.

Во Србија во моментов се случуваат големи протести по трагичниот колапс на дел од железничката станица во Нови Сад во ноември. Владејачката партија и провладините медиуми во повеќе наврати тврдеа дека протестите биле поддржани од странство, без да дадат конкретни докази. Сепак, официјалните лица, наводно, не се повикуваат на протестите во одлуките што се однесуваат на активистите.

Во последниве години, Србија забрани неколку лица да влезат во земјата или им нареди сослушување на границата, бидејќи тие беа означени како безбедносен ризик од државните институции. Во повеќето од овие случаи, лицата подложени на овој третман беа отворени критички настроени кон актуелната српска власт. Овие чекори беа широко критикувани како авторитарни.

Меѓутоа, ова е првпат група луѓе без очигледна вмешаност во српската внатрешна политика да биде означена како безбедносна закана и да им биде забранет влез во земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен