Посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Белград е „политички погреб“ за режимот на Александар Вучиќ.
Ова го изјави српскиот професор Бојан Пајтиќ, поранешен лидер на Демократската партија. Според него, пораките на ЕУ се недвосмислени и покажуваат дека трпението на Брисел со авторитаризмот во Белград е при крај.
Пајтиќ истакна дека властите ќе продолжат да ја игнорираат слободата на медиумите и слободата на изразување, и покрај нивните декларативни ветувања.
Според него, Фон дер Лајен испратила неколку тешки пораки до режимот – нула напредок во поглавјата од преговорите, блокиран процес на пристапување и недостаток на слобода на медиумите и здружувањето.
„Јасно покажа дека Србија не направила ниту еден чекор напред на својот европски пат. Ова беше политички погреб за Вучиќ, иако со шампањ, а не со ракија – но беше многу експлицитен, јасен и остар, колку што е можно во дипломатскиот свет“, изјави Пајтиќ за телевизијата Н1.
Тој предвиде дека до крајот на годината режимот ќе биде принуден да распише предвремени избори поради растечките протести, дезориентирана опозиција и очекуваните економски последици од санкциите на САД врз државната нафтена компанија НИС.
„Никој повеќе не се плаши од власта. Никој не се плаши да излезе на улица – а не можете да управувате со таков систем“, рече Пајтиќ, додавајќи дека 1 ноември ќе биде денот кога „слободна Србија“ ќе ја покаже својата сила со масовни протести во Нови Сад.