Успешно отстранета авионска бомба од Втората светска војна од градилиште кај Белград-на-вода

Авионска бомба со повеќе од 200 килограми експлозив, заостаната од Втората светска војна, беше успешно отстранета од градилиште во Белград-на-вода и моментално се транспортира до Делиблатското песочиште, каде што ќе биде уништена. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

Операцијата за отстранување на бомбата, од британско производство и остаток од сојузничките бомбардирања, започна утрово нешто по 7:00 часот, а нејзиното уништување е планирано по 9:00 часот.

Според информациите, експлозивната направа била пронајдена на длабочина од околу 2,5 метри за време на градежни работи. Во акцијата биле ангажирани околу 100 припадници на Министерството за внатрешни работи и противпожарната служба.

Министерот Дачиќ нагласи дека ваквите наоди не се реткост и потсети дека лани, во близина на српскиот Парламент, беше пронајдена граната од Првата светска војна, испукана од австриската армија, а претходно во Ниш беше отстранета бомба на НАТО тешка околу еден тон.

Зачлени се на нашиот е-билтен