Во текот на ноќта во Велење е вандализирана статуата на Јосип Броз Тито, еден од најпрепознатливите симболи на градот, јавува РТВ Словенија. Непознато лице ја отсекло главата од шестметарскиот бронзен споменик на скулпторот Антун Аугустинчиќ, поставен на централниот Титов плоштад.
Отсечениот дел од споменикот бил пронајден во багажникот на „Шкода Кодијак“, со која управувал 49-годишен маж од околината на Велење. Тој бил уапсен под сомнение за тешко дело на вандализам. Возилото носело две различни хрватски регистарски таблички, но осомничениот е словенечки државјанин.
Градската администрација на Велење го осуди овој чин, истакнувајќи дека се работи за „варварски напад врз културното и историското наследство“. Најавена е итна санација на споменикот и враќање на статуата во првичната состојба.
Градоначалникот Петер Дермол на социјалните мрежи го нарече настанот „срамен и неприфатлив“, додека полицијата од Целје соопшти дека станува збор за „одвратно сквернавење“ на еден од најзначајните монументи во регионот.

