Мултидисциплинарен тим на Клиничкиот болнички центар Загреб успешно изведе исклучително сложен хируршки зафат врз новороденче со многу голем тумор на вратот, кој претставувал ризик и за мајката и за детето. Дел од постапката бил изведен додека новороденчето било само делумно родено, а остатокот веднаш по породувањето.
Овој тип интервенција, кога се работи за изразено голема и комплексна малформација, е изведен првпат во КБЦ Загреб и претставува значаен исчекор во грижата за најранливите пациенти, пренесува N1 Загреб.
Равенителот на КБЦ Загреб, Фран Боровечки, на прес-конференција изјави дека обединувањето на гинеколози, оториноларинголози, педијатри и неурорадиолози било клучно за спасување на новороденчето. „Ова покажува колку силен тим има КБЦ Загреб — уникатна комбинација на стручност во Хрватска и пошироко“, рече тој.
Туморот ги затворал дишните патишта
Магнетната резонанца пред породувањето покажала дека туморот бил речиси со големина на главата на детето и ги блокирал дишните патишта. Природно породување би било животно загрозувачко, па тимот лекари морал да подготви неколку сценарија. Првата варијанта, која се покажала успешна, била применета при породувањето со царски рез.
„Кога беше отворена матката, главата на детето беше извадена, а телото остана внатре, поврзано со постелицата. На тој начин детето добиваше кислород преку папочната врвца додека ние се обидувавме да ги воспоставиме дишните патишта,“ објасни Ружа Гризељ, началничка на Одделот за неонатологија и интензивна медицина. Во салата имало околу дваесет медицинари.
По поставувањето на тубусот во душникот и обезбедување на вештачко дишење, детето било целосно извадено од матката, пресечена била папочната врвца и по стабилизацијата истиот ден бил целосно отстранет туморот. Лекарите морале брзо да реагираат бидејќи неколку часа по породувањето туморот почнал да се зголемува.
Постапка што ретко се изведува дури и во светски рамки
Гризељ истакна дека вакви интервенции се изведуваат исклучително ретко, еднаш или двапати годишно, и тоа во високо специјализирани центри, најчесто поради големи аномалии на феталните дишни патишта.
Раководителот на Клиниката за уво, нос и грло и хирургија на глава и врат, Драго Пргомет, посочи дека покрај отстранувањето на туморот било неопходно да се зачуваат сите витални функции во регијата на глава и врат, за детето во иднина нормално да дише, голта и зборува.
Детето се смета за излекувано
Рактоводителот на Одделението за фонијатрија, Ратко Прстаќиќ, појасни дека анализа на ткивото покажала дека станува збор за тератом — најчесто бениген тумор, но со потенцијална малигна опасност. Поради тоа, детето ќе мора да биде онколошки следено, но дополнителна терапија моментално не е потребна.
Нешто повеќе од еден месец по операцијата, детето се смета за излекувано. И мајката и новороденчето се во добра состојба и се дома.

