На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа хрватскиот министер и потпретседател на Владата, Јосип Дабро како пука од пиштол кроз отворен прозор од возило во движење.
Од снимката може да се види дека Дабро се вози на совозачкото седиште во автомобилот, облечен по кратки ракави и во шорцеви, што сугерира дека видеото е снимено во лето.
Според светлата во позадина пукањето се случува во близина на населено место, а министерот Дабро пука девет пати, а на крајот на снимката тој го прибира пиштолот.
Хрватските медиуми пишуваат дека се уште нема реакција од хрватската влада за објавената снимка, а министерот ја потврди автентичноста на видеото.
„Денес во медиумите беше објавена приватна снимка од мене која е направена пред неколку години, пред да ја извршувам функцијата член на Владата. Искрено жалам за овој чин, кој беше неодговорен и длабоко непромислен“, изјави Дабро, додавајќи дека „тогаш снимката му ја испратил само на еден човек, на неговиот тогашен пријател и колега Марио Радиќ“ и дека „очигледно е дека се работи за уште една перфидна манипулација“ која Радиќ ја спроведува по поразот во ДП.
Тој тврди дека пукал со „ќорци“.
„Јас целосно ја разбирам загриженоста што може да ја предизвика снимката, но сакам да истакнам дека ова се лажни куршуми и во ниту еден момент не загрозив нечија безбедност или имот. Оружјето го поседувам легално, пиштолот е регистриран“, рече тој, додавајќи дека „се извинува на јавноста за овој чин“, наведувајќи дека тоа не ги одразува неговите вредности, „туку е резултат на момент на непромисленост“.