Поранешниот српски кошаркар и граѓански активист Владимир Штимац е уапсен во центарот на Белград. Од видеата што се раширија на социјалните мрежи, Штимац бил приведен пред зградата на државната телевизија РТС, јавија српските медиуми.
Владимир Штимац е уапсен под обвинение за „поттикнување насилство пред српскиот парламент со цел насилно соборување на легитимните претставници на владата“. Според режимот во Белград, „за време на нелегалниот собир, Штимац ја навредувал полицијата на најбрутален начин“. РТС објави дека Штимац е уапсен и за повици „за насилна промена на уставниот поредок и поттикнување на насилно однесување на спортски настан и јавен собир“.
Министерството за внатрешни работи вечерва во 2 часот наутро објави дека „привело 37 лица кои учествувале во нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти пред парламентот“. Полицијата прецизираше дека бара и други сторители за истите кривични дела.
Демонстрациите во белград заочнаа откако Дијана Хрка, мајка на едно од 16-те лица кои загинаа кога се урна кровот на железничката станица во Нови Сад пред една година, започна штрајк со глад во центарот на Белград. Хрка носи маица со натпис „Мајка против машината“ и држи икона и фотографија од својот син. Таа им изјави на медиумите дека ќе штрајкува со глад „додека не добие правда“. Таа прецизираше дека претставниците на владејачката Српска напредна партија (СНП) ѝ ветиле дека виновните ќе бидат казнети, но една година по трагедијата, тоа не се случило.
Мајката откри дека добива закани на социјалните мрежи и дека станала предмет на теории на заговор според кои нејзиниот син Стефан Хрка е жив – нешто што таа го нарече „непростливо“.

