На првиот ден од 2025 година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, им порача на „центрите на моќ во Загреб, Сараево и Приштина дека нивните надежи се залудни и дека нема да ја сменат власта во Србија“.
Вучиќ рече дека за утре е закажан состанок со американски претставници за енергетиката, вклучително и НИС и рече дека ќе се бори за зачувување на енергетската и друга стабилност на Србија.
„Утре ќе имаме важни разговори со нашите американски партнери од врвот на американската политика за енергетиката, а особено за санкциите против српската нафтена индустрија. Ќе се бориме за интересите на нашата земја, но истовремено и за зачувување на стабилноста во снабдувањето со нафта и нафтени деривати на нашиот пазар и во обновата, не само за опстанокот, туку и за забрзаниот напредок на нашата земја“, изјави Вучиќ во видео порака на Инстаграм.
Претседателот на Србија додаде дека годинава очекува раст во автомобилската индустрија, само поради „фиат пандата“, која, како што наведе, може да има проблеми со добавувачите поради падот на производството во Европа, во вкупната автомобилска индустријата.
„Сигурен сум дека со заедничка енергија во сите други области од општественото живеење, од градежништвото до земјоделството, можеме да направиме огромни чекори напред. Верувам во работата, верувам во трудољубивоста на нашиот народ и сигурен сум дека заедно можеме да го постигнеме резултатот што го зацртавме, а тоа е да бидеме најуспешната или најбрзо растечката економија во Европа во 2025 година“, нагласи Вучиќ.
На крајот тој испрати порака до „центрите на моќ“ во соседните земји.
„П.С. Мојата порака до центрите на моќ во Загреб, Сараево и Приштина: Среќна Нова година и залудна надеж, нема да ја смените власта во Србија“, напиша Вучиќ.