Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“, ќе се формира мешовит комитет и ќе се разговара со македонската страна за текстот на договорот, соопшти денеска прес-службата на Советот на министри.
Како што пренесува БТА, целта е да се направат јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Северна Македонија.
– Министерството за транспорт и врски како страна на договорот предлага двете страни да преземат реални активности за реализација на објектот на железничкиот тунел, кој е железничка врска меѓу двете соседни земји. Изградбата на стратешкиот транспортен Коридор VIII е предуслов за комерцијална и индустриска размена, како на билатерална основа меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, така и за земјите од регионот, стои во соопштеието.
Договорот предвидува формирање Мешовит комитет кој ќе ги координира сите активности поврзани со изградбата и работењето на тунелот Деве Баир. Министерството за транспорт и врски ќе разговара со Република Северна Македонија за текстот на договорот.
Во декември, стои во информацијата, Министерството за транспорт и врски побара јасни заложби и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Република Северна Македонија да бидат направени во меѓувладин договор.
За третиот дел од пругата кон Бугарија македонската и бугарската страна досега одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври кога се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи: да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.
Во повик за планираната трета средба во Скопје Николоски рече дека бугарската страна треба да собере храброст да се затвори ова прашање. – Нашите аргумети се јасни и тие стојат – мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга сосе електрификација. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница, рече Николоски, во Собранието на 29 ноември.
Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, веќе се заокружува и ќе биде пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 процемти, а рокот е 2026 година.