Владејачката Неа Демократија ја губи поддршката на гласачкото тело кое и беше наклонето во истражувањата на јавното мислење направени пред железничката трагедија која однесе 57 животи.
Новите анкети покажуваат дека левичарската партија Сириза направи голем скок и се доближи до Неа Демократија до ниво на статистичка грешка.
Четири нови анкети го потврдија падот на популарноста на Нова демократија. Пред несреќата, разликата меѓу Неа Демократија и Сириза беше во просек 6-7%,
Во новите анкети, разликата меѓу Нова демократија и Сириза е на граница на статистичка грешка, под 3%.На трето место во сите анкети, се рангирани социјалистите (Пасок), од кои се очекува да ја играат клучната улогата околу одлуката за тоа кој ќе ја формира новата влада.
Социјалистите, кои сè уште не ги отвориле картите, силно го критикуваа грчкиот премиер Киријакос Мицотакис – особено во врска со скандалот со прислушувањето и владеењето на правото – а нивниот лидер Никос Андролакис изјави дека Нова демократија треба да биде во опозиција. Сепак, тој не даде отворена поддршка за Сириза.
Европратеникот на социјалистите и социјал демократите , Удо Булман, неодамна изрази дека Пасок ќе го направи „вистинскиот избор“.
„Како социјалдемократ од Германија ги почитувам одлуките на нашите сестрински партии. Но, морам да кажам дека имам целосна доверба во нашите партнери и во нашето партиско семејство дека тие ќе го направат вистинскиот избор во контекст на актуелната на политичката ситуација во нивната земја“, рече тој алудирајќи на неговото очекување Пасок да се одлучи за поддршка за Сириза.
До изборите во мај се очекува објава на два значајни документи. Станува збор за извештаите кои го подготвуваат независни тела поврзани со скандалот со прислушувањето како и оној за причините за железничката несреќа. Двата извештаи се очекува да и нанесат нов удар на веќе тешко повредената Неа Демократија.
Борјан Јовановски(Нова тв)