На грчките патишта од ова лето стапува на сила најстрогиот закон досега за користење мобилен телефон при возење – и важи подеднакво за локалните жители и за милионите туристи што секоја година пристигнуваат со автомобил од Балканот.
Што се менува?
Досегашната санкција – одземање на возачката на два месеца – добива финансиски „боцки“ и прогресивна скала на забрани:
- Прв прекршок: 350 € казна + едномесечно одземање на дозволата.
- Втор прекршок: 1.000 € + забрана за возење шест месеци.
- Трет прекршок: 2.000 € + едногодишна забрана.
Ако зборењето по телефон предизвика сообраќајка, казната скокнува до 4.000 €, а возачката може да ви ја задржат до осум години. Со тешка телесна повреда следува затвор до 10 години, а за смрт – до 20; доколку страдаат повеќе лица, судот може да изрече и доживотен затвор.
Зошто толкава строгост?
Грчкото Mинистерство за инфраструктура и транспорт објаснува дека стариот систем не одговарал на „новата реалност“ на патиштата, каде што мобилниот телефон станал еден од водечките фактори за несреќи.
Совет за туристите
Патувате ли кон Халкидики, Лефкада или Пелопонез, hands-free уредот не е луксуз, туку неопходност. Полицијата веќе најави засилени контроли на влезните гранични премини и на големите автопати, а казната се наплаќа веднаш – без попуст за „гостинска грешка“.