Внимавајте летово: Нема пушење во возилото во Грција ако носите дете под 12 години

Со приближувањето на летната туристичка сезона, сè повеќе македонски граѓани се подготвуваат за одмор во Грција. Но, пред да тргнат на пат, возачите треба да бидат свесни за строгите сообраќајни правила и високите казни што ги применуваат грчките власти.

Грчката полиција најави засилени контроли на патиштата, особено кон популарните туристички дестинации. Казните за сообраќајни прекршоци се високи и можат сериозно да го оптоварат буџетот на секој патник.

Најчестите прекршоци и предвидените казни се следниве:

Возење под дејство на алкохол: казни од 78 до 1.200 евра, во зависност од нивото на алкохол во крвта

Пречекорување на брзината во населено место (до 20 км/ч повеќе од дозволеното): 100 евра

Минување на црвено светло или престигнување преку полна линија: 700 евра

Неносење сигурносен појас: 350 евра

Непрописно паркирање: од 40 до 80 евра, со можност за дополнителни трошоци доколку возилото биде отстрането

Користење мобилен телефон за време на возење: 100 евра

Пушење во автомобил доколку во него има дете под 12 години: 1.500 евра и одземање на возачката дозвола

Надлежните апелираат до возачите од странство да бидат особено внимателни, бидејќи казните важат без разлика на државата на регистрација на возилото. Исто така, казните не се само парични – за одредени прекршоци се предвидува и одземање на возачката дозвола, поени и забрана за возење во Грција.

Грчките власти велат дека мерките не се со цел казнување, туку зголемување на безбедноста на патиштата. Според податоците на нивното Министерство за транспорт, токму во летниот период се случуваат најмногу сообраќајни незгоди, главно поради непочитување на правилата од страна на туристи.

Затоа, пред да тргнете на пат кон грчкото крајбрежје, уверете се дека ги почитувате сите сообраќајни прописи – и за ваша безбедност, и за да избегнете високи казни.

Зачлени се на нашиот е-билтен