Во Албанија запленети три милиони евра, повеќе угостителски и трговски субјекти, телевизија, стекнати од трговија со дрога

Во голема полициска акција реализирана во неколку градови во Албанија, запленети се три милиони евра во готовина, потоа три угостителски објекти и кафе бар, во Драч, телевизија и шест трговски субјекти во Валона, стекнати од трговија со дрога.

Првиот човек на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, Алтин Думани, на заедничка прес-конференција со италијанските колеги, рече дека во рамки на големата акција „Мост“, издаден е налог за апсење на 52 лица од нив 40 Албанци и 12 Италијанци, кои кокаин шверцувале од Турција и Латинска Америка, во вредност од седум милиони евра.

-Разбиена е една од најмоќните нарко-групи, организирана во три подгрупи, чија база беше во Драч. Оваа операција, поткрепена со длабински истраги, е јасен доказ за тоа што може да се постигне со функционирањето на законот. Посебна благодарност до италијанските колеги, Евроџаст и Европол за време на истрагите на овој тим, кои траела од септември 2021 до јуни 2022 година. Од издадените налози реализирани се 42 додека по 10 членови на оваа криминална организација се трага, рече Думани.

Додаде дека идентитет на уапсените нема да го соопшти, но медиумите наведуваат дека меѓу нив е и сопственик на компанија за автобуски превоз на релација Албанија-Италија и обратно, адвокат во Драч, полициски службеници.

Обвинителот Роберто Роси, од Бари, Италија, откако високо ја оцени соработката со СПАК, рече дека „албанската мафија е многу голема меѓународна сила“.

-Продолжуваме да работиме на постигнување заеднички резултати и борба против криминалот во Италија и Албанија. Свесни сме дека истражните органи во Албанија, а особено СПАК, се многу способни да апсат криминалци заедно со нас. Албанската мафија за жал е многу голема меѓународна сила, но сигурни сме дела органите на правдата, ќе може да се борат против оваа рак-рана. Преку совршена соработка, ние сме синхронизирани за да ја постигнеме оваа цел, рече Роси.

Според него членовите на оваа група испраќале пари од Бари во Албанија преку транспортни агенции, главно автобуски, кои превезувале патници од Италија за Албанија.

Директорот на државната полиција, Илир Прода, изјави дека во денешната акција биле вклучени 349 албански полициски службеници.

Зачлени се на нашиот е-билтен