Ризикот да се загине во сообраќајна несреќа во Бугарија е 2,5 пати поголем од просекот на Европската Унија, соопшти Институтот за патна безбедност, пренесува Бугарското национално радио (БНР). Директорот Богдан Милчев оцени дека е неопходна итна корекција на пропустите во работата на институциите, бидејќи „постои чувство за системска неодговорност“.
Институтот потсетува дека поминаа речиси три месеци од ултиматумот на премиерот Росен Жељазков за видливи резултати во намалувањето на жртвите, но „такви резултати сè уште нема“. Податоците за јули и првите денови од август 2025 покажуваат дека бројот на загинати не е намален во однос на лани – напротив, во август бројките се повисоки.
Според Институтот, одговорноста е на повеќе нивоа – од сообраќајниот надзор и контролата на брзината, до одржувањето на патната инфраструктура и координацијата меѓу институциите. Апелот е за итни и мерливи мерки, со јасни рокови и отчетност.