За само 24 часа, огнената стихија проголта повеќе од 100.000 хектари земјиште ширум Грција, оставајќи зад себе пустош, чад и пепел.
Грчките медиуми ја опишуваат ситуацијата како една од најстрашните во последната деценија, додека научниците предупредуваат дека земјата се соочува со нова реалност, летни пожари што стануваат сѐ поекстремни и поразорни.
Пожарите избувнаа на повеќе фронтови истовремено: на живописните острови Хиос и Закинтос, но и на копното – во Превеза, на северозападот на земјата, како и во Катихаија, во западна Грција. Пожарите беснееја со неверојатна брзина, а силниот ветер и сушата ја забрзаа нивната деструктивна моќ.
Според сателитските податоци на европскиот механизам Коперникус EMS, анализирани од грчката метеоролошка служба Meteo, штетите се огромни:
- Хиос: 42.466 хектари
- Закинтос: 22.941 хектар
- Превеза: 26.368 хектари
- Катихаија: 9.220 хектари
Вкупно: преку 100.000 хектари природа во пепел, од шуми, земјоделски површини до домови на диви животни исчезнати за само еден ден.
Овие сцени стануваат трајно обележје на летото во Грција и другите медитерански земји. Со температури кои често надминуваат 40°C и периоди на суша кои траат со недели, условите за пожари се совршени.
Научниците веќе одамна ја вклучија Грција на мапата на т.н. „огнени жешки точки“ (wildfire hotspots), региони каде климатските промени и човечките активности создаваат идеална подлога за катастрофи.
Стотици пожарникари, доброволци и војници се борат со пламенот, често во непристапни терени и при непредвидливи временски услови. Воздушната поддршка е активирана, но ветрот ги прави интервенциите непредвидливи.
Во некои подрачја жителите се евакуирани во последен момент, додека други со страв ги набљудуваат огнените јазици како се доближуваат до нивните домови и полиња.
Освен уништена природа и имот, пожарите оставаат долгорочни последици врз екосистемот, туризмот и економијата. Според експертите, обновувањето на уништените шуми ќе трае со децении, а ризикот од ерозија и поплави ќе биде зголемен во наредниот период.