Во јануари идната година, по претседателските избори, Хрватска ќе започне со процедурата за враќање на задолжителниот воен рок, а првите повици на регрути се очекуваат кон средината на 2025 година, соопшти Министерството за одбрана.
Задолжителниот воен рок беше суспендиран во 2008 година, а од тогаш беше воведен само доброволно.
„Министерството подготви законски предлози кои регулираат основната воена обука и други прашања поврзани со воената служба“, соопшти Министерството за одбрана.
Процедурата за усвојување на новиот закон ќе започне во јануари 2025 година.
Министерот за одбрана Иван Анушиќ најави дека на регрутите ќе им се обезбедат три локации за обука, а се проценува дека помеѓу 17.000 и 18.000 млади мажи ќе бидат кандидати за основна воена обука.
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, не се спротивстави на враќањето на воениот рок, но побара расправа на Советот за одбрана.
Слични најави за враќање на задолжителен воен рок има и во соседните земји Србија и Црна Гора.