Претседателката на Покраинската влада на Војводина, Маја Гојковиќ, денес во разговор со претставници на Националниот совет на Македонското национално малцинство (НСМНМ) изјави дека Покраинската влада ќе ја поддржи изградбата на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, што дополнително ќе ги продлабочи односите меѓу Република Србија и Република Северна Македонија.
На состанокот била истакната добрата соработка што ја постигна НСМНМ со Покраинската влада, се наведува во соопштението на Советот.
Се зборувало и за поддршка на прославата на јубилејот, 80 години од почетокот на македонското доселување на територијата на АП Војводина.
Претседателката на НСМНМ, Зорица Митровиќ, нагласи дека Покраинската влада обезбедува континуирана институционална поддршка во областа на остварувањето на правата и видливоста на националните малцинства, како и дека Македонската заедница ги ужива сите права во Република Србија.
За време на состанокот, се разговараше и за одбележувањето на 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу нашите земји, како и за евентуалното одржување на заедничка седница на Владата на Војводина, во присуство на високи функционери од двете земји.
На состанокот присуствуваа и потпретседателот на покраинската влада и покраински секретар за образование, прописи, администрација и национални малцинства – национални заедници Роберт Отот, потпретседателот на покраинската влада Томислав Жигманов, амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Србија Никола Тупанчески, директорот на Македонскиот информативно-издавачки центар Озрен Симјановски и секретарот на Националниот совет на Македонското национално малцинство Марјан Јованоски.