Во соработка со САД, Црна Гора ќе произведува дронови, првата серија ќе оди во Украина

Црногорските власти планираат да започнат со производство на беспилотни летала во соработка со компанија од Соединетите Држави, а првата серија ќе биде донирана на Украина, се вели во документот на Владата на Црна Гора.

Владата вели дека иницијативата е во согласност со заложбата на Црна Гора, која, меѓу другото, ќе ја зајакне домашната одбранбена индустрија.

„… Да се подобри способноста на Армијата во однос на НАТО, да се поддржат одбранбените потреби на Украина, како и позицијата на Црна Гора како посакуван снабдувач на најсовремена одбранбена опрема на глобалниот пазар“, информира црногорската влада.

Не е познато кога ќе започне производството и колку средства црногорските власти ќе издвојат за овие потреби.

Во документот се наведува дека договорот, со 15 милиони долари ќе биде поддржан од американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп. Патем, ова се пари што САД ги одвоија за војската на Црна Гора.

Што пишува во писмото за намери?

На седницата на 29 мај, Владата одобри „писмо за намери“ за инвестирање во производство на беспилотни летала (UAS) и развој на извозот од црногорските аеродроми.

Тоа писмо наскоро ќе го потпишат вицепремиерот и министер за економски развој, Ник Ѓељошај, и Роберт Џ. Донахју, директор на „By Light professional IT services LLC“.

Тоа ќе биде вовед во договорот што треба да биде потпишан во септември.

Руски фабрики за дронови погодени од украински беспилотни летала

Неговото Министерство не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа каде ќе биде сместена фабриката, кога треба да започне со производство и колку луѓе ќе бидат вработени.

Црна Гора, исто така, со документи потврдува дека ќе обезбеди законска рамка за производство и извоз на воени компоненти и опасни материјали.

Инаку, Владата моментално работи на предлог-закон за производство на оружје и воена опрема, кој треба да биде готов до крајот на годината.

Во аранжманот се вклучени осум министерства, Агенцијата за цивилно воздухопловство и аеродромот во Подгорица.

Соработка со црногорски компании

Владата, исто така, ќе издвои средства за основање на производствен погон за беспилотни системи со компанијата „Бај Лајт“ и нејзиниот партнер 4WINDS LLC, кои ќе основаат компанија за потребите на проектот во Црна Гора.

Договорот предвидува користење на компании од Црна Гора и регионот за тестирање на воздушни и подводни технологии на беспилотни системи.

Особено се издвојуваат две компании од северот на земјата кои се занимаваат со производство на воена опрема и експлозиви – „Тара Аероспејс“ од Мојковац и „Полимекс“ од Беранe.

Тие претходно беа делумно или целосно во државна сопственост, но оттогаш се приватизирани.

Владата задржа 12,5 проценти од акциите во „Тара“, компанија специјализирана за системи за воздушна безбедност, а минатата година ја заврши со профит од над 8,6 милиони евра.

„Полиекс“ на Беранe која се занимава со производство на експлозиви, исто така работеше со профит од над 4,2 милиони евра.

И до десет часа лет

На веб-страницата на американската компанија „Бај Лајт“ можат да се најдат четири видови дронови.

Тие наведуваат дека нивните авиони имаат „долго време на лет и ниски акустични потписи, а истовремено постигнуваат мултимодални мисии во воздух и вода“.

Најмодерниот меѓу нив е HALO-6 VTOL, чиј максимален товар е 27,2 килограми и може да остане во воздух до десет часа.

Оваа компанија, исто така, нуди обука за пилоти на дронови.

Компанијата и нејзините подружници имаат добиено вредни договори со американски институции.


Продолжува поддршката за Украина

Владата на Црна Гора се согласува да ја донира првата серија од раното производство на беспилотни системи и сродна одбранбена опрема на Украина.

„Тековниот конфликт во Украина ја истакнува итната потреба од беспилотни летала и безбеден транспорт на опасни материјали“, се наведува во документот.

Имено, беспилотните летала често се користат во конфликтите меѓу руските и украинските сили, кои започнаа со инвазијата на Москва во февруари 2022 година.

Црна Гора – членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија – ѝ обезбеди на Украина воена помош од 11,3 милиони евра од почетокот на инвазијата, доби најголем процент украински граѓани, воведе санкции врз Русија…

Црна Гора и Украина неодамна се согласија за текстот на десетгодишниот договор за соработка, кој се однесува на поддршка во случај на вооружен напад, инвестиции во одбранбената индустрија, разузнавачка соработка и обнова на земјата разурната од војна.

Договорот сè уште не е потпишан.

Околу 30 земји, претежно членки на НАТО, потпишаа сличен договор со Украина.

Предлогот за одлука за учество во „украинска мисија“ организирана од НАТО беше доставен до Парламентот на Црна Гора.

Зачлени се на нашиот е-билтен