Во Србија од денеска е пуштена во употреба веб-страницата stopbrutalnosti.com, платформа која овозможува пријавување и следење на случаи на насилство врз граѓани.
Проектот, заедничка иницијатива на ИТ блокада и Академскиот пленум, има за цел да создаде единствена база на податоци под наслов „За денот потоа“. Таа база, како што објаснуваат организаторите, ќе служи како документ за идни правни постапки откако судските институции ќе работат со полн капацитет.
Преку платформата, граѓаните кои биле изложени на физичко или правно насилство можат да ги внесат сите релевантни информации поврзани со случајот. Тие имаат избор – нивните податоци да бидат јавно објавени на страницата или да останат анонимни, при што информациите ќе бидат зачувани само во базата на податоци.
На веб-страницата stopbrutalnosti.com посетителите можат да ги прегледуваат пријавените случаи и да пребаруваат според град или вид на активност.
„Ги повикуваме сите граѓани да се приклучат и да пријават случаи на насилство, за да не се заборави ниту еден случај и за, веднаш по промените, одговорните да сносат последици“, се наведува во соопштението на организаторите.