Во Загреб се тестираат такси возила без возач

Ако сте жител на Нови Загреб, можеби сте забележале необично возило со натпис Verne. Од истоимената компанија, која развива автономни возила, вчера соопштија дека нивните автомобили извршиле 500 часа возење за да го мапираат главниот град, притоа поминувајќи 11.700 километри во најразлични временски услови, пишува Vecernji.hr.

По оваа објава, со свој коментар се јави и Мате Римац, кој во видео објасни како напредува развојот на Verne. Изгледа дека проектот отишол далеку подалеку од почетните презентации – кога автомобилот не можеше ни да се стартува.

Римац истакна дека додека често се зборува за Bugatti, Nevera, кампусот и работата со други производители како BMW, за проектот со роботакси се зборува помалку бидејќи сè уште е во развој.

„Оние кои живеат во Загреб и често возат по автопатите можеби ја забележале фабриката каде што ќе ги произведуваме сите роботакси возила. Бидејќи просторот во кампусот каде што ги правиме Nevera и деловите за други производители е ограничен, изградивме посебна фабрика за роботакси во Лучко, која добро напредува,“ – потврди Римац неодамна објавената вест за почетокот на изградбата.

Автономно возење под контрола

„Ако сте ги забележале овие автомобили на улиците и сте се зачудиле од нивното однесување, тоа е затоа што возат претежно автономно. Во секое возило има безбедносен возач, кој го надгледува системот и, доколку се појави некоја грешка, презема контрола и ја пријавува,“ – објасни Римац.

Според официјалното соопштение, компанијата Verne, во соработка со технолошкиот партнер Mobileye, од јуни минатата година спроведува тестирање и демонстрација на системот за автономно возење на загрепските улици.

Ова тестирање ги опфати најфреквентните подрачја, вклучувајќи:
📍 Центарот на Загреб
📍 Нови Загреб
📍 Загрепскиот аеродром
📍 Други атрактивни локации во градот

Вкупно, тест зоната покрива 90 квадратни километри.

Во видеото, Римац го покажа и ентериерот на роботакси возилото, со што јавноста доби прв поглед на иднината на автономниот транспорт во регионот.

-Имаме огромен отвор за влез во автомобилот, внатре има повеќе простор од кој било друг автомобил, дури и некои големи лимузини. Некој Mercedes би имал помалку простор за патници. Седиштата може да се спуштат, а на екранот се достапни сите услуги – YouTube, Netflix, Spotify. Тоа е многу удобно место, без разлика дали за работа, одмор или едноставно за патување од точка А до точка Б“. Вака изгледа во моментов, но ќе има сè повеќе вакви автомобили низ загрепските улици, а се надеваме и во други европски градови. Сите ќе се производат во Лучко и ќе се извезуваат насекаде“ – изјави Римац.

Во најновото соопштение за развојот на Verne, се наведува дека е во тек одобрувањето на верификациските прототипи, што е дел од Националниот план за обнова и отпорност.

Секој прототип тестира специфични делови и технологии на возилото, вклучувајќи:
🔹 Перформанси на погонскиот систем
🔹 Кочници
🔹 Аеродинамика
🔹 Сензори и мултимедијален систем

Верификацијата ја спроведува независно тело, врз основа на технички и дизајнерски спецификации што компанијата Verne веќе ги доставила.

„Го започнавме процесот на одобрување на прототипите. Бидејќи станува збор за комплексен R&D производ, дел од возилата сè уште се во изработка. Прототипите се испраќаат во серии на верификација. Во моментов, во процес е првата серија, а сите 60 прототипи ќе бидат одобрени пред поднесување на барањето за исплата од Европската комисија. Овие возила не се наменети за крајните корисници, туку исклучиво за техничка евалуација и тестирање на компоненти со присуство на безбедносни возачи“ – изјави Марко Пејковиќ, извршен директор на Verne.

Тој додаде дека голем чекор напред е тоа што во тестните возила е интегрирана софтверска платформа развиена целосно од компанијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен