Воен транспортер излета од коловозот во Словенија

Попладнево во кружниот тек Песница кај Марибор се случи сообраќајна несреќа во која учествувало оклопно возило на Словенечката војска. Транспортерот од типот Valuk 6×6 превезувал седум припадници на 72. бригада кои се враќале од планирана вежба гаѓање на стрелиштето Мачковци.

Несреќата се случила нешто пред 15 часот, а од Министерството за одбрана соопштија дека станува збор за лесно оклопно возило кое, под засега непознати околности, излетало од патот. Во инцидентот не биле вклучени други учесници во сообраќајот.

Сите седум војници биле веднаш пренесени во Универзитетскиот клинички центар во Марибор како мерка на претпазливост. Лекарите утврдиле дека петмина од нив имаат полесни телесни повреди, додека преостанатите двајца се неповредени.

На местото на несреќата интервенирале полициски служби, екипи на итната медицинска помош и Воената полиција, која се приклучи на увидот за утврдување на причините за излетувањето.

Словенечките власти засега не објавија дополнителни детали за тоа што довело до инцидентот, а истрагата продолжува.

Зачлени се на нашиот е-билтен